Македонија Богдановиќ го поништил решението за изградба на Шпанските скали

Богдановиќ го поништил решението за изградба на Шпанските скали

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, донел решение со кое го поништи и го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица  11 Октомври бб во централното градско подрачје, соопшти Општина Центар.

Надлежните во општината констатирале дека инвеститорот во рок од две години по правосилноста на решението,  колку што пропишува Законот за градење, не започнал со изградба на објектот. Со поништеното решение вон сила се става изградбата на Шпанските скали на Плоштад Македонија.

Во 2015 година, Општина Центар издаде дозвола за изградба на објектот, а советниците на Град Скопје,  дадоа зелено светло  за Шпанските скали, бидејќи површината на која тие требаше да се градат е под надлежност на Градот.  Според идејното решение зградата, во чиј склоп ќе бидат и скалите требаше да  биде висока 16 метри, односно приземје плус 3 ката. Освен скалите, од двете страни на главниот влез беа предвидени две кочии, а низ целиот објект од надворешната страна  околу 25 скулптури.

Шпанските скали требаше да  ги гради компанијата „Амадеус Девелопмент“. На електронската аукција фирмата понуди 93.100 денари за квадратен метар или вкупно 1.580.000 евра за парцелата од 1.046 квадрати за објект за комерцијални и деловни намени во стил на барок. За изградба на барокната зграда инвеститорот беше ослободен од комуналии од тогашното мнозинство во Советот на Град Скопје.