Македонија Бочварски прогласи победа во Штип со 1.700 гласа повеќе од Захариев

Бочварски прогласи победа во Штип со 1.700 гласа повеќе од Захариев

Кандидатот за градоначалник на Штип, Благој Бочварски, вечерва прогласи победа по вториот круг од локалните избори.

Според Бочварски, разликата меѓу него и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев, била 1.700 гласа.

Бочварски истакна дека промената се должи на тоа што граѓаните по првиот круг ја почувствувале слободата и одлучиле масовно да излезат. Тој истакна дека локалната власт во заминување вршела притисоци, но дека народот уште поостро одговорил на таквите притисоци со масовно излегување и со гласање за СДСМ.

Бочварски рече дека веднаш по примопредавањето на власта ќе почне со реализација на сите крупни проекти, како што е гасификацијата на општината, а за кои, како што рече, очекува помош и поддршка од централната власта.

– Убеден сум дека Штип ќе биде центар на Македонија и дека ќе се реализираат многу проекти со кои штипјани ќе се гордеат – рече Бочварски.

Победа во вториот круг од локалните избори прогласи и кандидатот на СДСМ за градоначалник на Пробиштип, Драган Анастасов, кој освоил проголем број гласови од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски.