Македонија Бочварски: Поради пропусти во проектот, проблеми има и на патот Градско –...

Бочварски: Поради пропусти во проектот, проблеми има и на патот Градско – Прилеп

По очигледните огромни пропусти на автопатoт Кичево – Охрид, каде само за еден тунел, поради пропусти во проектот, цената ќе се зголеми од 29 на 89 милиони евра, слични проблеми се јавуваат и во изведбата на експресниот пат Градско – Прилеп, изјави денеска потпретседателот на СДСМ, Благој Бочварски.

– Постојат сериозни пропусти во проектната документација, непостоење или, пак, минимални геотехнички истражувања, како и појава на три досега неевидентирани археолошки локалитети поради кои е издадено решение за привремен прекин на работите. Ова е само уште една потврда за неспособноста, нестручноста и за неодговорноста на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од Никола Груевски. Брзајќи да ги земат договорените провизии за автопатишта, Никола Груевски и неговите соработници нанесоа огромни штети врз интересите на граѓаните и буџетот – вели Бочварски.

Потпретседателот на СДСМ нагласи дека ќе има одговорност за сите пропусти на споменатите автопатишта, за сите земени провизии, за сите криминални тендери и за секое криминално богатење на поединци на сметка на граѓаните и на државата.