Македонија Блокирана одлуката за референдум во Валандово – се вмеша градоначалникот

Блокирана одлуката за референдум во Валандово – се вмеша градоначалникот

Градоначалникот на Валандово, Николче Чурлиновски, го запрел објавувањето на одлуката на Советот на Општината за распишување локален референдум околу продолжување со работа на рудникот Казандол и други рударски комплекси на територијата на општината и со тоа ефективно го блокираше и одржувањето референдум.

Како што извести граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, која ја објави одлуката на својата фејсбук-страница, Чурлиновски го запира објавувањето на одлуката на Советот за распишување референдум донесена во понеделникот. Одлуката ја донел истиот ден, а е заверена денеска. Во образложението Чурлиновски наведува дека  „Советот не е надлежен за вакви одлуки“ и референдумот би бил „незаконско и неовластено трошење на градскиот буџет“.

Советот ја донесе одлуката во понеделникот, со осум гласа „за“ од вкупно 15 советници. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. Советниците информираат дека на следната седница на Советот одново ќе биде ставена на дневен ред точката за референдум и доколку вторпат биде изгласана, тогаш градоначалникот нема да може да ја спречи одлуката.