Подглавна секција Блинкен: Има сериозни сомнежи за веродостојноста на резултатите на изборите во Венецуела

Блинкен: Има сериозни сомнежи за веродостојноста на резултатите на изборите во Венецуела

Сегашниот претседател Николас Мадуро ја прогласи својата трета победа, додека опозицијата смета дека бројките соопштени од Националниот изборен совет, кој е тесно поврзан со Мадуро, не се прецизни

Фото: Fabio Rodrigues Pozzebom/ABr, CC BY 3.0 BR, via Wikimedia Commons

Националниот изборен совет (ЦНЕ) во Венецуела соопшти дека, со 80 отсто пребројани гласови, претседателот Николас Мадуро освоил 51 отсто од гласовите на вчерашните избори во државата, пренесува Би-би-си.

Но, постојат сериозни сомнежи за веродостојноста на овие резултати. Имено, претседателот на ЦНЕ е тесно поврзан со Мадуро. Дoполнително, „Едисон рисерч“, организација која е позната по тоа што ги следи американските избори, предвиде дека Мадуро ќе освои само 31 отсто од гласовите.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција изрази сомнеж дали резултатите соопштени од ЦНЕ ја претставуваат волјата на народот.

„Критично е секој глас да се изброи праведно и транспарентно. Изборниот совет треба веднаш да споделат информации со опозицијата и независните набљудувачи без одлагање. Меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата и соодветно ќе одговори“, рече Блинкен, минути откако беа соопштени првичните резултати.

Претседателите на Чиле и Уругвај исто така изразија сомнеж за резултатите, додека претседателот на Куба му честиташе на Мадуро за резултатите.

Многу од гласачите во јужноамериканската земја застанаа зад опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалез, надевајќи се на промена по 25 години владеење на Соединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ). Партијата беше под водство на познатиот Хуго Чавез сè до неговата смрт 2013, кога Николас Мадуро ја презеде неговата улога.

Изборите во 2018 година, на кој исто така „победи“ Мадуро, исто така беа контроверзни. Парламентот тогаш го изгласа Хуан Гваидо за вистинскиот претседател на Венецуела.

Во Венецуела се гласа електронски, но машините на кои се гласа печатат „сметка“ која се става во гласачка кутија. Партиите имаат право на пристап на овие кутии, но опозицијата на Гонзалез тврди дека досега имале пристап до помалку од третина од гласачките ливчиња.