Економија Битиќи: Од март нема да има повисоки плати за функционерите, но треба...

Битиќи: Од март нема да има повисоки плати за функционерите, но треба да се сменат 7 закони

Функционерите нема да се откажат од платите, но со усогласувањето во март тие нема да добијат зголемување, рече вицепремиерот за економски прашања

Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека во буџетот за наредната година нема да бидат предвидени повисоки плати на функционерите, но дека сепак, за да се случи тоа, потребно ќе биде да се сменат закони, со цел да се опфатат 1.260 функционери, колку што има во земјава.

„Се испостави дека всушност не може со еден закон да се опфатат сите 1.260 функционери, потребни се седум измени во законите, затоа што, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон, што е противуставно“, рече Битиќи и додаде дека функционерите нема да се откажат од платите, но со усогласувањето во март тие нема да добијат зголемување.

Од март годинава, на функционерите им се зголемени платите за 78 отсто, откако  Уставниот суд во март го укина членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани.

Битиќи денеска, одговорајќи на новинарски прашања, дополнително рече и дека не очекува Законот за солидарен данок да „падне“ на Уставен суд, а доколку се случи тоа, средствата на компаниите ќе им се враќаат од буџетот наредната година.

„За следната година, бидејќи правиме проекции на буџетот, и бидејќи кризата е сè уште активна, ќе има средства за антикризни мерки. Ако евентуално прејудицираме дека таква одлука може да се донесе, мислам дека има доволно испланирани средства во државната каса, но првично, намената е за антикризни мерки. Ако има таква одлука, тогаш ќе треба да се земат од граѓаните и да им се вратат на компаниите што мислам дека нема да се случи. Средствата ќе се вратат од наредниот буџет, од сегашниот не е возможно зашто е веќе крај на годината, рече Битиќи.