Економија Битиќи: Домашните компании ќе инкасираат повеќе од 600 милиони евра од изградбата...

Битиќи: Домашните компании ќе инкасираат повеќе од 600 милиони евра од изградбата на коридорите

Министерот за економија Битиќи рече и дека цената за изградбата на коридорите 8 и 10д ќе чини 1,3 милијарди евра, и дека во ниту една пракса, експропријацијата на земјиштето не се вклучува во тендерската документација

Фото: Влада на РСМ

Со изградбата на делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10д, домашните компании ќе инкасираат 650 милиони евра додека нашата земја добива европски, модерни автопати, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во гостување во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Тој рече дека Коридорот 8 успеале да го стават во паневропските коридори, што значи дека за првпат Европската Унија може на државата да ѝ дава финансиски средства за изградба на патишта, за кои може да се аплицира секоја година.

„Во договорот стои дека 51 проценти мора да бидат како изведувачи домашни компании, и кога договорот е 1,3 милијарди евра, тоа значи дека 650 милиони евра ќе завршат кај домашните компании“, изјави Битиќи.

Тој додаде дека цената за изградбата на коридорите 8 и 10д ќе чини 1,3 милијарди евра, и дека во ниту една пракса, експропријацијата на земјиштето не се вклучува во тендерската документација.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на темата за замрзнувањето на цените, за која рече дека како поборник на слободната пазарна економија, ја гледа и третира само како крајна мерка во случај кога другата страна не се однесува коректно на штета на граѓаните.

„Сум кажал и ќе повторам, ова го правиме само кога другата страна не се однесува морално и етички, затоа што во пазарната економија мора да има морал и етика. Првиот ден кога ја замрзнавме цената на лебот, јавно им се заблагодарив на пекарите кои ги намалија цените. Ние како влада сме покажале дека сакаме да помогнеме и помагавме, но кога јас субвенционирам компанија во време на криза, го правам да му биде полесно, а не да го зголеми својот профит, го правам за граѓанинот има поевтини цени“, изјави вицепремиерот Битиќи.