Свет Европа Би-Би-Си Верифај: Околу 60 новинари, истражувачи и експерти ќе се борат против...

Би-Би-Си Верифај: Околу 60 новинари, истражувачи и експерти ќе се борат против дезинформациите

Формиран е новиот бренд со име „Би-Би-Си Верифај“ (BBC Verify), каде што ќе работат форензички новинари и експерти од целиот британски сервис, меѓу кои и уредникот за анализа Рос Аткинс и дописникот за дезинформации Маријана Спринг, заедно со нивните тимови

Фото: Би-би-си

Британскиот сервис Би-Би-Си отвора ново поглавје во својата работа, во однос на проверката на факти и борбата со дезинформациите. Формиран е новиот бренд со име „Би-Би-Си Верифај“ (BBC Verify), каде што ќе работат форензички новинари и експерти од целиот британски сервис, меѓу кои и уредникот за анализа Рос Аткинс и дописникот за дезинформации Маријана Спринг, заедно со нивните тимови.

BBC Verify, како што пренесува Би-Би-Си, се состои од околу 60 новинари со „исклучителни истражувачки капацитети кои ќе проверуваат факти, видеа, ќе се спротивставуваат на дезинформациите, ќе анализираат податоци и ќе трагаат по вистината“.

„Ова е поинаков начин на работење новинарство. Изградивме простор во редакцијата во Лондон, со студио од кое ќе известуваат дописниците и експертите на BBC Verify, транспарентно споделувајќи го со публиката начинот на кој ги собирале доказите“, пишува Би-Би-Си, промовирајќи го новиот бренд. 

Експоненцијалниот раст на манипулативни и на изменети видео содржини подразбира дека „да се гледа не значи и дека треба да се верува“, пишува британскиот сервис.

Оттаму додаваат дека публиката е постојано бомбардирана со дезинформации и со лажни фотографии и видеа, вклучувајќи ги и оние кои се генерирани со помош на вештачка интелигенција. Би-Би-Си пишува дека во периодот на ваков сензационализам, ќе се трудат да ја ја задржат довербата што публиката ја дава на британскиот сервис во последните 100 години.