Македонија Бесими и Лидингтон разговараа за бегалската криза

Бесими и Лидингтон разговараа за бегалската криза

Вицепремиерот Фатмир Бесими денеска се сретна со висока делегација од Велика Британија, предводена од министерот за Европа, Дејвид Лидингтон. Во придружба на делегацијата беше и британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет, како и претставници од британското министерство за надворешни работи.

„Двете страни истакнаа дека соработката меѓу Република Македонија и Велика Британија се карактеризира со отворен и конструктивен дијалог и со континуирано продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент се стави на  поддршката во однос на напорите за интеграција на земјата во ЕУ, особено во делот на реформа на јавната администрација, како и стратешкото партнерство со Велика Британија, со надеж на плодна соработка во иднина. Бесими истакна дека евроатлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет за нашата држава и на граѓаните на Република Македонија. На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во земјата, како и за статусот на реформите и на активностите кои се преземаат во однос на реализацијата на итните реформски приоритети“, стои во соопштението од кабинетот на Бесими.

Во однос на справувањето со мигрантската криза, Бесими истакнал дека Македонија го поддржува координираниот и сеопфатен пристап на Европа во управувањето со мигрантската криза.