Македонија Беса: Државата е и во безбедносна криза, во неа решаваат хулиганите на...

Беса: Државата е и во безбедносна криза, во неа решаваат хулиганите на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, на денешната прес-конференција порача дека вчерашното дивеење и крвничко тепање во Собранието е доказ дека земјата покрај во политичка, е и во безбедносна криза. Тој го осуди синоќешното насилство врз пратениците и врз новинарите и изрази загриженост што „за иднината на државата одлучуваат хулиганите на ВМРО-ДПМНЕ“.

– По синоќешните инциденти во Собранието, кога хулигани на ВМРО ДПМНЕ ја нападнаа највисоката законодавна институција во земјата, Движењето Беса констатира дека државата сега не е само во политичка криза туку и во безбедносна криза. Ова е доказ дека во Mакедонија се уриваат демократските вредности и дека за иднината на државата одлучуваат хулиганите на ВМРО ДМПНЕ – рече Касими.

Тој нагласи дека Талат Џафери бил легитимно избран за спикер на Собранието и дека пратениците на Беса, иако не биле претходно информирани, останале во салата и дале легитимитет на изборот на новиот претседател на Собранието.

– Сакаме да појасниме дека петте пратеници на Движењето Беса беа присутни во Собранието додека се избираше Џафери, со што даваме легитимност на неговиот избор. Движењето Беса го поддржа парламентарното мнозинство и го избра Џафери. Ги повикуваме сите институции во земјава да го почитуваат овој избор и да се однесуваат во согласнот со таа одлука. Не бевме информирани за избор на претседател на Собранието. Независно од тоа, останавме во салата и помогнавме легитимно во сиот процес. Се надеваме дека по овој чин ќе продолжи и процесот за формирање на другите институции и дека државата ќе се врати во нормала – рече Касами.

Тој повика граѓаните да ја задржат присебноста и да не потпаѓаат на провокации.