Македонија Бенкиран: Мароко е подготвено за зголемување на трговската размена

Бенкиран: Мароко е подготвено за зголемување на трговската размена

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Дакла, на маргините на форумот „Кран Монтана“, се сретнал со премиерот на Кралството Мароко, Абделилах Бенкиран.

Иванов и Бенкиран изразиле задоволство од динамиката и од зачестените контакти на високо ниво, како и од динамизирањето на економските односи меѓу двете земји.

„На средбата беше договорено да продолжи политичкиот дијалог на највисоко ниво. Премиерот на Мароко ја прифати поканата за посета на Република Македонија. Го поздрави учеството на претседателот Иванов на форумот и особено бизнис-делегацијата која го придружува, а која ќе оствари средби со бизнисмени од мароканските стопански асоцијации“, стои во соопштението од кабинетот на претседателот.

Премиерот Бенкиран на средбата, како што наведуваат од кабинетот, истакнал дека Мароко е подготвено и отворено за размена на инвестиции и за зголемување на трговската размена и особено за искуствата на Република Македонија во сферата на привлекување странски инвестиции, реформите во земјоделството и употребата на информатичките технологии.
Иванов упатил честитки за напорите на кралот и владата на Мароко што ги прават за отворена и либерална економија, демократските реформи, децентрализацијата и посветеноста на човековите права.

„На средбата беше договорено во наредниот период да се пристапи кон отворање почесни конзулати на Република Македонија во Мароко и на Мароко во Република Македонија за збогатување на соработката. Беше искажано заемно задоволство од соработката на мултилатерален план и договорено таа да се интензивира во периодот што следува“, стои во соопштението.