Свет Балкан Белград: Резултатите од референдумот контрадикторни, се зависи од ВМРО-ДПМНЕ

Белград: Резултатите од референдумот контрадикторни, се зависи од ВМРО-ДПМНЕ

Официјалната реакција на власта во Србија на исходот од референдумот во Македонија се уште нема, но аналитичарите и медиумите оценуваат дека резултатите се контрадикторни затоа што излезноста била мала, додека големо мнозинство од оние кои излегле гласале „за“ и затоа сега се е во рацете на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Во анализите исто така се наведува дека е отворена можноста за вонредни парламентарни избори.
Од политичарите до сега се огласи само претседателот на Лигата на социјалдемократи на Војводина, Ненад Чанак, кој им честита на граѓаните на Македонија и на премиерот Зоран Заев за „храброста во донесувањето одлуки“ и додаде дека резултатите од референдумот се сигнал дека граѓаните на Македонија сакаат својата земја да ја видат во друштво на членки на ЕУ и НАТО.

Директорката на Центарот за надворешна политика, Александра Јоксимовиќ, за РТС оцени дека во Македонија претстои борба за спроведување на Договорот од Преспа, додавајќи дека тоа сега е многу потешко и покомплицирано отколку пред референдумот, затоа што владејачката коалиција мора да бара поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таа наведе дека е важно потписниците на Договорот од Преспа да останат на договореното и дека е важно Македонија да тргне понатаму на европскиот пат и евроатлантската интеграција затоа што тоа е клучно за нејзината стабилност и стабилноста на регионот.

Провладините медиуми во Србија ги пренесуваат извештаите на агенциите и дописниците со оцена дека поради ниската излезност на референдумот за името тој „пропаднал“ и покрај големите очекувања на владата во Скопје но и на меѓународната заедница. Од друга страна, независните медиуми во прв план истакнуваат дека и покрај малиот одѕив, „за“ гласале повеќе од 91 отсто од граѓаните.