Економија Бектеши учествува на инвестициски форум во Прага

Бектеши учествува на инвестициски форум во Прага

За Владата на Македонија, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградбата на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, на инвестицискиот форум „Кина – Централна и Источна Европа“, кој се одржува во Прага.

Тој додаде дека во согласност со изработената студија за исплатливост, дефинирани се три региони за изградба на оваа мрежа.

Во делот на индустријата и новите технологии, министерот Бектеши ја нагласи неопходноста од зголемување на конкурентноста на производите и на услугите, како на домашниот, така и на странските пазари.

„Ќе работиме на поттикнување на бизнисот во делот на финализирање на производи со поголема додадена вредност, преку иновациите и новите технологии. За таа цел, предвидени се реформи во образованието и поврзување на науката и на бизнисот, што подразбира и инвестиции во технологијата и во знаењето“, рече Бектеши.

Форумот се одржува под покровителство на претседателот на Чешка, Милош Земан, и на премиерот Бохуслав Соботка, а во организација на Чешко-кинеската комора за соработка и на Економскиот центар за соработка во Кина.

На форумот учествуваат 300 гости од Кина и повеќе од 500 гости од земјите на Централна и на Источна Европа.