Свет Балкан Бегалците бегаат од Идомени?

Бегалците бегаат од Идомени?

Релокацијата на бегалците од Идомени денеска се одвива со побавен ритам од вчера. Во текот на денот заминале само 300 бегалци. Според официјалните информации на грчката влада, во Идомени има околу 6.000 бегалци.

Меѓутоа неофицијалните информации велат дека во кампот има само околу 2.000 луѓе. Илјадници од нив кои немаат статус на бегалци, односно не се од Сирија или Ирак се смета дека имаат пребегано во планината, во областа Хамило, веднаш спроти гевгелиското село Моин, а други се преместени во помалите кампови на бензинските пумпи околу Идомени.

За ова јави и весникот „Етнос“, пренесувајќи дека дел од луѓето кои знаат дека нема да добијат можност за азил и стравуваат од депортација, уште во понеделникот вечерта избегале од Идомени, се кријат во планината и шумата со надеж дека ќе успеат да преминат во Македонија и од таму да се движат кон Европа.

Весникот пренесува дека и во текот на вчерашниот ден околу Идомени пристигнувале нови бегалци, дојдени со информација дека границите ќе отворат. Бегалците сега се сместуваат во помалите неформални кампови околу автопатот во близина на Идомени.

Дел од бегалците си заминуваат и пешки, одбиваат да влезат во автобусите бидејќи не знаат какви се условите во бегалските центри и каде точно ќе бидат однесени. Тргнуваат сами во насока кон Солун, без да се знае каде точно одат.

Акцијата на Идомени и натаму се одвива без насилство и инциденти, под големо полициско присуство