Економија Беџети: Економскиот дел од извештајот на ЕК е еден од најточните во...

Беџети: Економскиот дел од извештајот на ЕК е еден од најточните во последните години

Извештајот на Европската комисија за економскиот дел е еден од најточните и прецизно посочува кои се болните точки во македонската економија, смета професорот и поранешен министер за економија, Абдулменаф Беџети.

Според Беџети, извештајот е многу јасен и недвосмислено, без дипломатски речник и без калкулации како ќе биде разбран, ги посочува проблемите и што треба да се прави.

– Генералната оцена е дека макроекономијата е стабилна, но за сите други аспекти има критики. Во извештајот, првпат, недвосмислено се посочува потребата од тоа буџетот да се поврзе со порастот и со вработувањата, а да се намалат социјалните трансфери. Првпат се подвлекува застојот на системот на управување со јавните финансии, како и потребата да се подобри транспарентноста за јавниот долг и за задолженоста. Се посочува и потребата за поголемо вработување на младите, како и потребата од поврзаност на образованието со пазарот на труд. Тие укажуваат на тоа дека студентите масовно се запишуваат на студии, има премногу дипломи кои не коренсподираат со потребите на пазарот на трудот. Во извештајот, конкретно се наведува и за приоризација на инвестициите и на јавната потрошувачка, што укажува на досегашната нивна непродуктивност – смета Беџети.

Според него, ова што Европската комисија го кажува не е ново, но е важно од кого е кажано. Тој подвлекува дека економистите на ова предупредуваат уште од 2009 година.