Култура „Бата прес“ и „Шкупи“, македонски преставници на Меѓународниот саем на книгата во...

„Бата прес“ и „Шкупи“, македонски преставници на Меѓународниот саем на книгата во Истанбул

На саемот учествуваа 850 издавачи и невладини организации од Турција и од целиот свет

Во Истанбул, Република Турција, денеска завршува 33. Меѓународен саем на книгата, на кој годинава од Република Македонија со преводи на турски автори се претставија книгоиздателствата „Бата прес“, со изданијата на македонски јазик, и „Шкупи“, со преводите од турски на албански јазик. Овие македонски книгоиздателства беа официјални гости на Министерството за култура и туризам на Република Турција, во првата меѓународна саемска хала, бидејќи во рамки на проектот „Теда“ имаат објавено најмногу дела, преводи од најреномирани турски автори на македонски, односно на албански јазик.
Саемот го посети и државниот секретар на Министерството за култура на Република Македонија, Бехиџудин Шехапи, кој оствари средби со претставници на министерствата за култура од соседните и од други земји.
Според податоците на организаторите, на саемот учествуваа 850 издавачи и невладини организации од Турција и од целиот свет. Бројот на посетители, годинава, се очекува да го надмине минатогодишниот број од 2,5 милиони. Овие податоци го вбројуваат саемот меѓу најголемите и најзначајните саеми на книгата во Европа.