Свет Европа Бан Ки-мун ја критикува политиката на Австрија кон бегалците

Бан Ки-мун ја критикува политиката на Австрија кон бегалците

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, ја критикуваше сè порестриктивната политика на ЕУ кон бегалците.

– Загрижен сум бидејќи европските држави усвојуваат сè порестриктивни политики за имиграцијата и за бегалците. Таквата политика има негативно влијание врз обврските на земјите членки кон меѓународното хуманитарно и европско право – изјави Ки-мун во обраќањето во австрискиот паралмент.

Тој ова го истакна откако австрискиот парламент усвои еден од најострите закони за азилантите.

Спорниот закон, кој е усвоен со 98 гласови „за“ и 67 „против“, ѝ овозможува на Владата да прогласи вонредна ситуација доколку дојде до ненадејно зголемување на бројот на мигранти и да ги одбие азилантите директно на границата, вклучувајќи ги и тие од воените зони.

Во случај на употреба на овој механизам, пограничните власти ќе им овозможат влез само на бегалците соочени со закани по безбедност во соседните транзитни земји или на тие чии роднини се веќе во Австрија.