Дописници Балтовски: Ако имавте намера да ме заплашите, сте ја згрешиле адресата

Балтовски: Ако имавте намера да ме заплашите, сте ја згрешиле адресата

Битолската полиција потврди дека синоќа група граѓани се собраа пред домот на активистот на „Битолско движење“, Илија Балтовски, во населбата Недопирливи.

Според портпаролот на СВР-Битола, Сања Стаматова, група граѓани се собрале пред неговата куќа, скандирајќи, но до инцидент не дошло.

– Нема инцидент, како настан само е заведено дека група луѓе отишле на улицата 12 Кладенци – рече Стаматова.

На својот фејсбук-профил, пак, Балтовски напиша дека ако демонстрантите имале намера да го заплашат, ја згрешиле адресата.

„Детето е родено, не можете да го вратите назад. Мојата адреса не е единствена, не постојат толку наредби, СМС-пораки, наредби од штабови, притисоци, колку што има адреси на слободоумни граѓани. Затоа не трошете си го вашето драгоцено време. И за крај, морам да ѝ се заблагодарам на полицијата, што во ваков момент го заштити домот на еден маж, една жена, едно 12-годишно дете и еден пар старци (мајка ми и татко ми), на кои им се восхитувам на нивната храброст. Смрт на фашизмот, слобода на умот“, напиша Балтовски на „Фејсбук“.

Тој додава и дека пред некој ден, јавно, на собирите за оставка и против аболиција, предупредил дека ако сега не се избори народот за слобода, тогаш нареден чекор на власта е да почне да доаѓа дома и да малтретира.

Очевидци тврдат дека синоќа толпата што се собрала пред домот на Балтовски пцуела и плукала во неговиот двор. Извикувала и негодувала поради неговата герила-акција, кога со лажни евра беше пречекан градоначалникот на Битола, Владимир Талески.