Македонија „Балкански форум за безбедност“: Бегалската криза ја прави кревка безбедносната состојба во...

„Балкански форум за безбедност“: Бегалската криза ја прави кревка безбедносната состојба во земјава

„Балканскиот форум за безбедност“ денеска, пред студентите од Факултетот за туризам и угостителство и граѓани на Охрид, одржа дебата за бегалската криза, насловена „Европската бегалска криза – причини за нејзината појава и можни последици по безбедноста на Република Македонија“.

Во фокусот на дискусијата беше Република Македонија како главна рута на бегалскиот бран, а говореа Благоја Марковски, претседател на форумот, универзитетски професори, како и Илија Николовски, генерал-мајор во пензија и претседател на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија.

Според Благоја Марковски, проблемот со бегалската криза не е само во транспортот на мигрантите, туку проблем се појавува и од аспект на безбедноста во земјата.

– Кога не би живееле во ваква политичка и институционална криза која е актуелна во Македонија, веројатно европската бегалска криза ќе биде прв и основен проблем на сите државни органи бидејќи како таков се третира во сите европски земји кои не се оптоварени со состојби какви што има кај нас – рече Марковски.

За Илија Николовски, моменталната криза е најголема во Македонија, по онаа во 2001 година.

– Македонија не е членка на НАТО и сметам дека во догледно време нема да биде примена. Тоа ја чини безбедносната ситуација во земјава покревка – рече Николовски.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека бегалската криза е последница на настаните пред 2011 година, додавајќи дека, според него, институциите и раководството во Македонија не се дораснати на сериозноста на проблемот, кој може повторно да ескалира наредната пролет.