Македонија Бајден до Заев: Договорот од Преспа придонесува за европската интеграција и единство

Бајден до Заев: Договорот од Преспа придонесува за европската интеграција и единство

Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден му испратил писмо на премиерот Зоран Заев во кое вели дека му претставувало чест што се сретнале на Конференцијата за безбедност во Минхен и за разговорот низ кој размениле мислења за актуелните политички прашања.

„Уште еднаш Ви честитам на историскиот договор со Грција во Преспа. Уверен сум дека Договорот е сериозен позитивен развој и за европската интеграција и единство. Како што реков на разговорот во Минхен, успехот на Северна Македонија е успех и за цела Европа, и тоа е добро за сите“, пишува Бајден во писмото, соопшти владината прес-служба.

Тој вели дека со нетрпение го очекува денот кога Република Северна Македонија ќе биде пречекана како полноправна членка на НАТО.

„Вашата визија ги постави темелите на безбедноста и сигурноста и Вашето лидерство како Претседател на Владата од граѓаните на Северна Македонија ќе биде запаметено по историското достигнување“, нагласува Бајден.

Во писмото тој изразува уверување дека пријателството меѓу двата народи во следните години ќе биде сѐ посилно.

„Ве уверувам дека јас лично ќе се застапувам за вашите политики и посветеност за подобра иднина“, додава Бајден.