Дописници Бадникарски маскенбал во Тетово

Бадникарски маскенбал во Тетово

Традиционално, и годинава бадникарскиот маскенбал во Тетово го почнаа децата, кои маскирани ги посетуваа семејствата пеејќи ја познатата песна „Бдња баба“.

Домаќинките за возврат им даваа костени, јаболка, тиква и пари. Подоцна повозрасните со маски до доцните вечерни часови се забавуваа во тетовските кафулиња.

– Ова е најубава вечер во Тетово. Маскенбалот е карактеристичен само за овој град и добро е што оваа манифестација од година во година е сè помасовна – изјави еден учесник на маскенбалот.

Дел од учесниците велат дека маскенбалот треба да биде поорганизиран со централна прослава и да биде под покровителство на локалната самоуправа, по примерот на слични манифестации што се одржуваат во другите градови во Македонија.

– Кога градот би го помогал маскенбалот, тогаш би можело да се организира и централно дефиле по градските булевари. Сега е малку раштркано, едни се во еден дел на градот во некое кафуле, други во сосема друг дел на градот – додаде друг учесник на маскенбалот.

Во пресрет на Божиќ, синоќа во сите тетовски мала се палеше бадникарски оган и со веселба и со посна трпеза се дочека Христовото рождество.