Главна секција Азески – Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ да не ги кочи законите кои се за...

Азески – Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ да не ги кочи законите кои се за подобрување на економијата

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, денеска се сретнаа со претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески.

Целта, како што рече Мицкоски, е како опозициска партија да изготват поконкурентна и посоодветна економска програма, за да ги освојат симпатиите на бизнис-заедницата.

– Како ново раководство, ги презентиравме нашите заложби и планови како економски ќе делуваме во иднина и кои ќе бидат економските политики кои што нашата партија планира да ги презентира пред македонската јавноста. Финалната верзија на тие политики ќе биде донесена во соработка и на барање на бизнис-заедницата. За нас како ВМРО-ДПМНЕ е значајно да добиваме правилна навигација, за да видиме какви се нивните потреби и да најдеме решенија, а понатаму кога ќе ја формираме следната македонска влада тоа да го примениме – рече Мицкоски.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески рече дека од нив е побарано да не ги кочат законите во Собранието кои се однесуваат на економијата во државата и подобрување на стандардот на граѓаните и дека комуникацијата ќе продолжи и во наредниот период.

-Ги замоливме во името на најголемата и најзначајната бизнис-заедница во државата, економските закони во Собрание и законите кои влијаат на квалитетот на живот на граѓаните да добијат поддршка и приоритет и покрај политичките превирања кои постојат и различните погледи во државата. Нашите предлози кои одат до Влада ќе ги испраќаме и до ВМРО-ДПМНЕ, да бидат во тек и да дадат свое мислење. Нивните предлози исто така ќе доаѓаат во Стопанската комора, што исто така е напредок. Добивме уверување од Мицкоски дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде бизнис определено – додаде Азески.