Дописници Автобус со словенечки таблички се излизга и излета од патот Ресен –...

Автобус со словенечки таблички се излизга и излета од патот Ресен – Охрид

Автобус со словенечки регистерски таблички во кој, во моментот на незгодата, имало четири лица, излетал синоќа од коловозот на патот Ресен – Охрид, кај местото Прентов мост, во близина на Охрид. Во незгодата немало повредени. На местото на несреќата извршен е увид од истражни органи.

До незгодата дошло како последица на исклучително ниската температура, од околу -10 Целзиусови степени, и подмрзнатиот коловоз.

– Тоа беше втор автобус што имаше проблеми на овој дел ноќеска. Прво имаше проблем со автобус на охридски превозник. Со моторна пила ги чистевме дрвјата на патот и по околу 45 минути го ослободивме патот. Подоцна се излизга и словенечки автобус. Се обидувавме речиси еден час да го вратиме на коловозот. Сообраќајот беше во прекин околу половина час, по што делумно се нормализира – изјави за охридското „Супер радио“ Горан Ангеловски од месната заедница од Куратица, кој бил дел од екипата на ова село, која интервенирала и помогнала да се решат двата случаи.

Месната заедница од Куратица со сопствената механизација успеа да се справи и со снегот кој деновиве се закануваше да го отсече селото од цивилизацијата. Селаните самоиницијативно и со сопствени средства и механизација го исчистија патот од Прентов мост до Куратица. По расчистувањето на патиштата во ова населено место, тие се упатиле и кон отстранување на снегот на патиштата што водат кон Косел, Ливоишта, Вапила, Завој и кон Свињишта, каде освен снегот, ги расчистија и паднатите дрвја и гранки.