Дописници Австриска невладина организација ја помогна штипската болница

Австриска невладина организација ја помогна штипската болница

Пациентите на штипската Клиничка болница добија нови кревети со душеци, донација од невладината организација од Австрија, „Хил колде“.

Болницата доби и опрема и лекови вредни 300.000 евра. Во донацијата, што денеска ја предадоа, има и апарати за ЕКГ, инвалидски колички, инкубатори, бироа, но и постелнина.

Иницијатор на донацијата е Јонче Атанасов од општината Конче, кај Радовиш, кој неколкупати вршел транспорт на донациите на оваа невладина организација во земјите од регионот.

– Ова е 45. хуманитарен транпсорт во рамките на нашето 10-годишно постоење. Досега вакви донации имавме во Косово, Унгарија, Словачка, кога и беа поплавите во Србија. Се надевам дека оваа прва донација за болница во Македонија нема да биде и последна – рече на предавањето на донацијата, Марта Рајтер од „Хил колде“.

Директорот на Клиничката болница, Александар Стојановски, изјави дека опремата ќе најде место во сите одделенија.

– Целокупната опрема значи подновување на некои од нашите одделенија, особено за интензивна нега, кома-центарот, одделот за физикална терапија, каде ќе биде однесен дел од опремата – изјави Стојановски.

Ова е една од поголемите странски донации во последните години за Клиничката болница во Штип.