Свет Европа Австрија поднесе тужба против изградба на нуклеарна електрана

Австрија поднесе тужба против изградба на нуклеарна електрана

Австрија денеска до Европскиот суд поднесе тужба против Европската комисја за одобрување државна помош за изградбата на британската нуклеарна електрана „Хинклеј поинт Ц“.

„Со субвенции треба да се поддржи модерна технологија, која ќе биде во општ интерес на сите држави на ЕУ“, е образложението на австрискиот канцелар Вернер Фајман, кој додаде дека тоа не е случај со нуклеарните електрани.

Австрија во тужбата укажува на фактот дека субвенциите поттикнуваат една индустриска гранка и дека, иако нуклеарната енергија има позитивни страни, генералното влијание на нуклеарните централи врз животната средина е негативно.

– Нуклеарките се опасни, скапи и во споредба со некои други технологии како соларната, хидроенергијата, не се ниту економски ниту еколошки конкурентни – изјави Фајман.

Европската комисија во октомври одобри државни субвенции за изградба на нуклеарната електрана „Хинклеј поинт Ц“.