Свет Австралиската полиција спречи терористички напад

Австралиската полиција спречи терористички напад

Австралиската антитерористичка полиција соопшти дека во Сиднеј спречила терористички напад, апсејќи две лица поврзани со Исламска држава. Кај уапсените се пронајдени ножеви, видеоснимка и знаме кое се поврзува со милитантната група.

Австралија, која е еден од главните сојузници на САД во борбата против Исламска држава во Сирија и во Ирак, првпат во септември минатата година ја подигна готовноста поради можни напади од исламски радикали во земјата.

Полицијата соопшти дека мажите, на возраст од 24 и од 25 години, се уапсени по рација во западното предградие на Сиднеј, а обвинети се дека планирале терористички чин.

– За време на претресот на просториите се пронајдени голем број предмети, вклучувајќи и мачети, ловечки нож и рачно изработено знаме кое ја претставува терористичката организација Исламска држава. Исто така, е пронајдена и пронајдена и видеоснимка на која се говори за вршење напад – соопшти полицијата.

Австралија смета дека најмалку 7о нејзини државјани се борат за ИД во Сирија и во Ирак, а добиваат поддршка од стотина соработници во Австралија.