Македонија АВМУ: Повикувањето на одговорност за „негативно мислење“ може да доведе до медиумска...

АВМУ: Повикувањето на одговорност за „негативно мислење“ може да доведе до медиумска самоцензура

Фото: Архива на Мета.мк

По Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагира на Предлог-Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој се наоѓа во прва фаза на читање во Собранието на РСМ.

Тие потенцираат дека повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“, на начинот на којшто е дефинирано, е спротивно на сите демократски практики и може да предизвика медиумско самоцензурирање.

„Можноста за санкционирање поради искажано негативно мислење остава простор за злоупотреба и казнување на медиумските професионалци. Новинарите се гласот на јавноста и тие честопати при вршење на својата работа упатуваат критика за одредени политики или појави во општеството и на тој начин поттикнуваат јавна дебата и придонесуваат за поголема одговорност, отчетност и транспарентност на претставниците на власта“, се наведува во соопштението на АВМУ.

Од Агенцијата велат дека правото на слобода на изразување е уставно загарантирано право и истото е гарантирано и со Европската конвенција за заштита на човековите права. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт.

Инаку, и ЗНМ вчера реагираа дека од предложениот Закон за клевета и навреда ќе треба да се избрише делот во кој е наведено дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење”.