Македонија ААВМУ го осуди однесувањето на обезбедувањето на Груевски во „ТВ21“

ААВМУ го осуди однесувањето на обезбедувањето на Груевски во „ТВ21“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска го осудува вчерашниот инцидент во „ТВ21“, при кој обезбедувањето на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, упадна во телевизијата и избриша снимки од мобилен телефон на новинар, направени за време на прошетката на Груевски со семејството по улица Македонија.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги апелира да не се попречува секојдневната работа на медиумите и на медиумските работници“, стои во реакцијата.

Инцидентот се случи вчера попладне. Новинар на телевизијата го забележал поранешниот премиер како се шета со семејството и го снимил настанот со мобилен телефон. Обезбедувањето на Груевски го забележало и веднаш упаднале во телевизијата. Тие побарале новинарот да се легитимира и да ги избрише снимките од телефонот. Еден од обезбедувачите се легитимирал како вработен во МВР.

Инцидентот е забележан од безбедносните камери на „ТВ 21“.

МВР денеска испрати демант, во кој се наведува дека припадниците од обезбедувањето не упаднале во телевизијата и оти реагирале во согласност со планот и со задачите.