Дописници Атмосферата во Охрид како во летна сезона

Атмосферата во Охрид како во летна сезона

Убавото сончево време и мноштвото гости од земјата и од странство, во македонската туристичка метропола Охрид создадоа атмосфера карактеристична за главната летна сезона. Со автобуси и со мали приватни возила, во Охрид и во Струга допатуваа илјадници гости од Грција, Бугарија, Србија, Косово, Албанија и од други земји. Во Охрид се одмора и првата поголема група од Данска, а има и голем број индивидуални посети.

Значајното присуство на гостите се забележува по шеталиштето на градскиот кеј, плоштадите, рестораните, продавниците и во многубројните цркви во старото градско јадро на Охрид. Летните бавчи на кафулињата се исполнети до последно место.

Охридските угостителско-туристички работници не го кријат задоволството бидејќи, освен гостите од соседството, за празниците и за продолжениот велигденските викенд во нашиот најголем туристички центар допатуваа и голем број домашни гости.

Индивидуални гости од Бугарија и од Грција, како и голем број домашни гости, речиси ги исполнија капацитетите на хотелот „Гарден“. Поголемиот дел од сместувачкиот капацитет исполнет е и во хотелот „Чинго“, со гости од Бугарија и од Србија, како и од една туристичка група од Турција. Во хотелот „Тино“, покрај туристите од Данска, за велигденскиот викенд има гости од земјата и од Албанија.

За најголемиот христијански празник Велигден, охридските станоиздавачи нудат пристапни цени за сместување. Цената за изнајмување кревет во приватното сместување се движи од 300 до 400 денари, додека комплетно уредените апартмани се издаваат од 1.000 до 3.000 денари за една вечер.

Велигденскиот празничен викенд, по традиција, го означува почетокот на претсезоната во Охрид. Многу повеќе гости се очекуваат од почетокот на мај, кога ќе пристигнат поголемите групи странски гости од Холандија и другите земји на Бенелукс.