Свет Асад: Ако Русија не успее, регионот ќе биде уништен

Асад: Ако Русија не успее, регионот ќе биде уништен

Сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави дека постои можност за уништување на Блискиот Исток во случај на неуспех на Русија во борбата против терористичките групи во Сирија.

Во интервју за иранската телевизија „Хабар“, Асад рекол дека коалцијата на Русија со сирискиот режим, Иран и со Ирак против тероризмот треба да успее, затоа што во спротивно целиот регион ќе биде уништен, а не само една или две земји.

– Сигурно дека ќе мора да платиме висока цена. Ако западните земји на сериозен и искрен начин се придружат во борбата против тероризмот или, барем, престанат да ги поддржуваат терористичките групи, резултатот ќе биде побрз – оцени сирискиот претседател.

Русија од 30 септември врши воздушни напади на положбите на Исламска држава, а западните земји, кои сакаат Асад да си замине, сметаат дека Русија го поддржува сирискиот претседател за да може да остане на власт.

Асад изјави дека само сирискиот народ може да одлучи за промена на политичкиот систем и за тоа кој ќе биде лидер на таа земја.

Меѓународните противници на Асад цврсто стојат на своите ставови дека какво било решение на четиригодишната граѓанска војна во Сирија мора да го вклучува заминувањето на Асад од власта.