Македонија Арсовска го разреши Зоран Глигоров, ја назначи Наталија Митовска за нов секретар

Арсовска го разреши Зоран Глигоров, ја назначи Наталија Митовска за нов секретар

Митовска е сопруга на Александар Митовски, сопственик на порталот „Инфомакс“, речиси единствениот онлајн медиум во кој градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска редовно гостува

Фото: Град Скопје

Преку соопштение Град Скопје денеска информираше дека е разрешен секретарот на град Скопје, Зоран Глигоров, кој беше во фокусот на интересот на јавноста поради наводни пријави за семејно насилство.

На негово место ќе биде назначена Наталија Митовска, за која во соопштението се вели дека била на високи раководни функции во Владата.

Инаку, Митовска е сопруга на Александар Митовски, сопственик на порталот „Инфомакс“, речиси единствениот онлајн медиум во кој градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска редовно гостува.

Според соопштението од Град Скопје, Митовска од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции.

Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година.

„На позицијата секретар на градот Скопје доаѓа како професионалец кој може значително да придонесе кон работата на градската администрација и реализација на проектите од програмата За модерно Скопје“, стои во соопштението.