Македонија Антикорупциска комисија наскоро со нов состав

Антикорупциска комисија наскоро со нов состав

На денешната седница на собраниската комисија за избори и именувања, составот на комисијата предложи да се изберат седум нови членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Двајца од членовите, Сејди Халили и Фарие Алиу, се од претходниот состав, а предложени се Горан Миленков, адвокат од Скопје, Игор Тантуровски, дипломиран економист, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова-Аџикотарева, магистер по казнено право од Скопје, и Жаклина Данчевска, магистер по деловно право од Прилеп.

Претседателот на Антикорупциската комисија се избира од страна на членовите на првата седница.

Се очекува овој предлог на собраниската комисија да се најде на првата наредна пленарна седница на Собранието.
Членовите ги именува Собранието со мандат од четири години, со право на уште едно именување. Тие  имаат статус на именувани лица, а за својата работа одговараат пред Собранието.