Главна секција Антикорупциска бара да се дефинира кои се „итни и неодложни“ вработувања во...

Антикорупциска бара да се дефинира кои се „итни и неодложни“ вработувања во предизборие

Прецизно да се дефинира во кои „случаи на итни и неoдложни работи“  може да се огласуваат нови вработувања во јавниот сектор за време на избори, но и да се именуваат нови функционери, бара Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која укажа дека масовните огласи за вработување, особено во јануари, „ оставаат простор за сомневање дека се врши влијание врз гласачкото тело“.

Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси предвидуваат забрана за вработувања и отпуштања во јавниот сектор од денот на донесување одлука за распишување избори, до крајот на изборите, а започнатите постапки се ставаат во мирување. Исклучок се „ случаи на итни и неодложни работи“.

„Со оглед дека прецизно не се дефинирани случаите на „итни и неодложни работи“, ниту во овие закони, ниту во материјалните закони кои го уредуваат вработувањето во поедини сектори, досегашното искуство покажа дека често се злоупотребува овој исклучок па истиот наместо исклучок станува правило. Исто така во двата закона нема одредби што го уредуваат прашањето за именување/ назначување на лица во органите на управување во јавниот сектор (директор, членови на надзорни и управни одбори). Имајќи предвид дека изборниот период трае подолг временски период во кој се јавуваат ситуации каде е потребно именување и разрешување на лица во органите на управување, неопходно е да се уреди ова прашање со цел да се ограничи политичкото влијание во кадровската политика на јавните институции. Овие прашања од изборниот процес потребно е да се регулираат преку измени и дополнување на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.“, смета ДКСК.

Комисијата во петокот ги повика институциите, покрај законите, да ги почитуваат и начелата на добро управување и интегритет.

„Ова дотолку повеќе што во периодот по утврдување на датумот на предвремените избори, а посебно во месец јануари сведоци сме на се помасовно објавување на огласи за вработување што, иако не е ограничено со Изборниот законик и Законот за спречувае корупција, остава простор за сомневање дека се врши влијание врз гласачкото тело. “, укажа Комисијата во петокот.

Вработувањата во јавниот сектор, а особено во предизборниот период, се третираат како суштински проблеми во новата Стратегија за спречување корупција , која е во собраниска процедура на усвојување.

Во акцискиот план на Стратегијата ДКСК предлага Министерството за правда во првата половина на следната година прецизно да ги дефинира исклучоците во кои ќе бидат можни вработувања во предизборнито период и да донесе законски измени.