Македонија Антикорупциска: Злоупотребен е профилот на Фејсбук на претседателката Ивановска

Антикорупциска: Злоупотребен е профилот на Фејсбук на претседателката Ивановска

Фото: Архива на Мета.мк

Злоупотребен е профилот на Фејсбук на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска. На нејзиниот приватен профил преку фотомонтажа се злоупотребуваат семејни фотографии, информираше ДКСК, од каде велат дека случајот претставува дефокусирање на јавноста.

„Во интерес на вистината ја информираме јавноста дека приватниот профил на социјалната мрежа Facebook на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска е злоупотребен. Одредени лица за нив познати цели злоупотребуваат семејни фотографии на Ивановска и со фотомонтажа се обидуваат да создадат невистинита слика во јавноста. Против нив Ивановска ќе поведе приватна постапка, имајќи предвид дека се работи за приватен профил“, се вели во соопштението на Антикорупциска.

Од комисијата велат дека вакви практики често се преземале за дефокусирање од одредени теми, поради постапувањето на ДКСК по предмети од областа на корупцијата и судирот на интереси – области кои се поврзани со високи јавни функции.

„Тоа е често и причина да се преземаат јавни дејствија за дефокусирање на јавноста од одредени отворени предмети или теми, за да се искриви реалната слика и да се наруши интегритетот и кредибилитетот на одредени членови на Комисијата. На тоа сме сведоци и во моментот“, реагираат од ДКСК.

Од Антикорупциска велат дека согласно своите надлежности ќе продолжат да постапуваат со ист пристап кон сите предмети и дека расположливите капацитети се насочени кон утврдување на фактите и давање на соодветни препораки за натамошно постапување за сите предмети. Ги повикаа и сите релевантни чинители во општеството да дадат свој придонес кон борбата против корупцијата и судирот на интереси.