Македонија Ансамблот на албански песни и ора и Советот за јавни финансии денеска...

Ансамблот на албански песни и ора и Советот за јавни финансии денеска на владина седница

Владата денеска ќе ја одржи 53. редовна седница, на која, според најавата, има вкупно 73 точки на дневен ред, меѓу кои и предлог-одлуките за формирање на Совет за управување со јавните финансии и за основање на национална установа „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“.

Министрите денеска ќе ја разгледуваат и информацијата за квалитетот на воздухот за месец декември 2017 година, како и потребата од воспоставување на единствениот комуникациско-информативен систем со единствениот европски број за итни повици Е-112 во земјава.

Владата повторно ќе разгледува барања за прием на македонско државјанство, кои на денешната седница се четири: Есер Џевахир, Мустафа Иршат Канџа, Букет Геренџи и Дјуана Тенис Бонер.

На седницата Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ќе ја разгледа и информацијата за ревидираниот Акциски план за вработување на млади 2016-2020 година, информацијата за имплементација на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост 2010-2020, како и годишната програма за работа на Управата за финансиско разузнавање за 2018 година.