Економија Анѓушев: Обезбедени се средства за плати и за нормално работење на „Колска“

Анѓушев: Обезбедени се средства за плати и за нормално работење на „Колска“

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на новинарското прашање во врска со штрајкот на работниците во фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, извести дека проблемот е надминат и дека е најдено подолготрајно решение за функционирање на компанијата.

– По вчерашниот штрајк на работниците од „Колска“, утринава лично бев во фабриката за да се видам со работниците и да им потврдам дека Владата има решение за нивниот проблем, бидејќи очигледно дека некој манипулира и пренесува погрешни информации на работниците. Владата донесе заклучок со кој се обезбедени 15 милиони денари за „Колска“, со кои не само што ќе се исплатат плати, туку ќе се искористат и за набавка на репроматеријал, за фабриката да продолжи да работи. Многу важно за работниците е фабриката да има иднина и да продолжи да работи и да функционира, а сето тоа ќе се изведе во рок од седум до десет дена, во согласност со законските процедури – рече Анѓушев.

Работниците во „Колска“ се сретнаа со Анѓушев на 11 септември и го информираа за долгогодишните проблеми во работењето. На 12 септември, Владата одлучи финансиски да ја поддржи фабриката за да се воспостави редовен тек на работите и грижа за работниците.