Економија Анѓушев на „Самит 100“: Треба да се поттикнат граѓаните да користат електрични...

Анѓушев на „Самит 100“: Треба да се поттикнат граѓаните да користат електрични автомобили

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, обраќајќи се на „Самитот 100“, на панел-дискусијата „Е-концепт за забрзување на порастот базиран на поврзувањето“, рече дека земјите во Југоисточна Европа може во Македонија да гледаат сигурен партнер и добар сосед и нагласи дека Владата ќе прави напори да одржува одлична соработка на сите полиња со соседните земји, како и со пошироката меѓународна заедница.

– Е-мобилноста е последната лекција која Република Македонија треба да ја научи и затоа сметам дека треба да се вратиме на основата. Нашите земји треба да бидат подобро поврзани и ние, како Влада, ќе работиме на изградба на подобра инфраструктура, да го завршиме нашиот дел од работата за да создадеме подобри услови за компаниите и побрз, поефикасен и побезбеден транспорт на луѓе и на стоки – рече Анѓушев.

Вицепремиерот истакна дека Владата работи на креирање поволни економски политики, на градење квалитетна инфраструктура и на одржување енергетска стабилност во земјата.

Според Анѓушев, поттикнувањето на граѓаните да користат електрични автомобили ќе има повеќекратни придобивки, како заштита на животната средина, помали трошоци за граѓаните и стабилност на енергетскиот систем.

– Граѓаните треба да имаат интерес за електрични возила, но треба да бидат подостапни така што ќе бидат ослободени од царина и од акциза – рече Анѓушев.