Економија Ангеловска-Бежоска: Западен Балкан има понизок БДП за 18% поради помала вклученост на...

Ангеловска-Бежоска: Западен Балкан има понизок БДП за 18% поради помала вклученост на жените

Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, порачa гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адриа“

Фото: НБРСМ

Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, порачa гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адриа“.

Согласно спроведена анализа на Светската банка, економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18% од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата, рече таа.

Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%.

„Кај нас, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45-46%, за разлика од стапката на активост кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п. Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска

Гувернерката посочува и на податоците дека кај нас учеството на работоспособното население во вкупното население низ годините се намалува, што укажува дека постои структурен проблем со недостиг на човечки потенцијал, кој е еден од клучните фактори за раст. Од друга страна, има голем потенцијал кај жените кои не се активни.

Народната банка во соработка со Европската банка за обнова и развој ќе работи на проект во насока на поголема финансиска инклузија на жените, најави гувернерката. Народната банка ќе биде национален координатор на овој проект, во кој ќе бидат вклучени повеќе институции, во зависност од надлежностите. Целта на проектот е да се овозможи поголема вклученост на жените во општеството, особено да се помогне на жените во сферата на претприемништвото, што подразбира поголем пристап до финансии.