Македонија Ангелов ја потпиша платформата за демократска Македонија

Ангелов ја потпиша платформата за демократска Македонија

Лидерите на СДСМ и на Достоинство, Зоран Заев и Стојанче Ангелов, денеска ја потпишаа платформата за демократска Македонија. Лидерот на опозицискиот СДСМ рече дека зголемувањето на бројот на партии што сакаат да ја потпишат платформата покажува дека сите се обединуваат за иднината на Македонија и на граѓаните.

– Денеска потпишавме со една десна партија. Тоа е партијата Достоинство на Стојанче Ангелов, кој е сериозен опозиционер и вистинска десница во Македонија. Тоа само по себе покажува дека сите се обединуваме без разлика на нашата определба дали сме десница, левица или центар. Јас сум убеден дека бројот на поддршката на платформата ќе се зголемува. Очекуваме да се приклучат уште многу други политички партии и здруженија на граѓани. Преку потпишувањето на оваа платформа, испраќаме силна порака: „Не“ за организација на уште едни криминали и нефер избори во Македонија – рече Заев.

Тој ги повика сите граѓани да стават свој потпис и да застанат зад вредностите пропишани во платформата.

– Заедно да ја вратиме правдата и правичноста во нашата држава, да ги департизираме институциите, да ги вратиме слободата на медиумите и слободата на говорот, да создадеме општество достојно за почит – вели Заев.