Македонија Анализа: Законот не нè заштитува од дискриминација

Анализа: Законот не нè заштитува од дискриминација

Анализата покажува дека во практика се воочуваат нејасни и конфузни одредби кои законот го прават неразбирлив, збунувачки и непогоден за примена

Законот за спречување и заштита од дискриминација не воспоставува во целост ефикасна и конзистентна правна и институционална рамка за спречување и за заштита од дискриминација. Ова е заклучокот на анализата на недостатоците во Законот за спречување и заштита од дискриминација, напревна од Институтот за човекови права.
Анализата покажува дека во практика се воочуваат нејасни и конфузни одредби, кои го прават законот неразбирлив, збунувачки и непогоден за примена. Исто така, се забележува дека е потребна појасна и поконкретна законска регулатива за овозможување на самостојно, независно и на професионално работење на Комисијата за заштита од дискриминација.

– Целата работа на комисијата, кога ќе почне судската постапка, никаде веќе не е потребна, а судот нема обврска ни да го види работењето на комисијата дотогаш. Тоа ја става комисијата на маргините, а според париските критериуми, комисијата треба да биде орган што навистина длабоко ќе навлезе во прашањето на дискриминацијата, ќе ја препознае и ќе донесе одлука што ќе има улога во санирање на проблемите – вели Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права и судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Во анализата се наведува дека е потребно подобрување на содржината и на законските решенија и усогласување со меѓународните стандарди, со Уставот и со другите закони, како и подигнување на свеста во Република Македонија за значењето на антидискриминаторското право. Како забелешка во оваа анализа се наведува и висината на глобите предвидени во Законот, кои не соодветствуваат со економските можности на граѓаните.

Анализата е изработена во рамки на Програмата за зајакнување на капацитетот на граѓанските организации да учествуваат во законодавниот процес, имплементирана во Република Македонија од Националниот демократски институт за меѓународни работи, а финансиски поддржана од Националната фондација за демократија.