Економија (АНАЛИЗA) Буџетот на ПИОМ за 2025 година тежи речиси 2,3 милијарди евра

(АНАЛИЗA) Буџетот на ПИОМ за 2025 година тежи речиси 2,3 милијарди евра

Само за алиментирање на „социјалните бенефиции“ со кои се опфатени и пензиите, во 2025 година ќе се потрошат 2,2 милијарди евра. ПИОМ на ниво на државата е институција со најголем годишен буџет, пишува Порталб

Фото: Мета.мк

Новиот Буџет за 2025 godina на државниот ПИОМ во однос на сегашниот ќе се зголеми за 376 милиони евра. Според поставените буџетски проекции адресирани до Министерството за финансии, ПИОМ до година предвидува поголеми приходи и трошења во однос на годинава, пишува Порталб.мк. Само за алиментирање на „социјалните бенефиции“ со кои се опфатени и пензиите, во 2025 година ќе се потрошат 2,2 милијарди евра, со што ПИОМ на ниво на државата е институција со најголем годишен буџет.

Зголемени пензии, зголемен број на пензионери, повеќе приходи од раст на платите

Трошоци за ново мартовски линеарно зголемување на пензиите и дополнително усогласување од 3% во септември следната година. Бројот на нови пензионери ќе се зголеми за 0,9%. Државниот ПИОМ го „исцрта“ Буџетот за 2025 та година. Во однос на годинава се предвидува раст и на приходите и на расходите.

Во документот на ПИОМ адресиран до Министерството за финансии се наведува дека следната година, за да се финансираат сите планирани расходи, касата на државниот фонд треба да “тежи“ фантастични 2 278 073 000 евра што е за 376 331 000 евра повеќе во однос на проектираните трошења за годинава.

Зголемениот буџет на ПИОМ пред сè е поради најавеното ново линеарно зголемување на пензиите, но раст има кај речиси сите трошковни ставки. Така најголемата ставка „социјални бенефиции“ која ги опфаќа и пензиите се зголемува на 2,2 милијарди евра.

„Во 2025 та расходите за пензии се планираат да се зголемат и тоа по основ на усогласување на пензиите и согласно планираниот пораст на нови пензионери во 2025 та од 0,9%“, се наведува во предлог-буџетскиот документ.

Следната година 78,1% од вкупните расходи на ПИОМ ќе завршат за исплата на пензии.

За „плати и надоместоци“ сумата се зголемува на 6,3 милиони евра како сумата за вкупната администрација која ќе достигне 10 милиони евра. Ставката „стоки и услуги“ следната година е проектирана да се качи на 2,6 милиони евра при што се предвидуваат зголемени трошоци за комуналии, договорни услуги, за материјали и ситен инвентар, додека „капиталните расходи“ (вклучени и капиталните расходи од посебниот буџетски дел) во 2025 година е предвидено да се зголемат на 2,1 милиони евра. Единствена ставка на расходната страна која се предвидува да се намали е “субвенции и трансфери“ со проектиран износ од 540 000 евра.

Раководството на ПИОМ предвидува зголемени трошења но и амбициозни проекции за зголемени приходи во фондовската каса. Според контурите на новиот Буџет на ПИОМ, следната година клучните “даночни приходи“ се очекува да се зголемат на 1,3 милијарди евра, при што износот на наплатените придонеси се очекува да се зголеми по два основи, натамошен раст на бруто-платата и пораст на вработеноста за 3,2 % во 2025-та. Следната година “неданочните приходи“ се проектирани да достигнат износ од скоро 11,4 милиони евра. Редовната исплата на пензии и натаму останува условена од државната “инјекција“. Следната година државниот ПИОМ преку „трансфери“ (сите нивоа на власт) очекува 939 милиони евра што е за дури 245 милиони евра повеќе во однос на трансферите предвидени за годинава.

„Во вкупните приходи на ПИОМ најголемо учество имаат изворните приходи кои се застапени со 57,11% а средствата од Буџетот учествуваат со 41,22%“, се наведува во документот.

Годинава според проценките од ПИОМ ќе заврши со 340.854 пензионери а следната ќе има 343 992 корисници на пензија што е за 0,9% повеќе во однос на годинава додека пак висината на просечната пензија во декември 2025 треба да достигне 26.327 денари.

Овој месец пензионерите добија по 2.500 денари линеарно зголемување кое ја продлабочи дупката во фондовската каса за 80 милиони евра.