Подглавна секција Американскиот синдикат за актери го прекинува четиримесечниот штрајк, постигнат е договор

Американскиот синдикат за актери го прекинува четиримесечниот штрајк, постигнат е договор

Еден месец откако заврши штрајкот на американскиот синдикат за сценаристи, актерите стигнале договор кој вклучува повисоки минимални плати, како и придобивки од прегледи на стриминг платформи

Фото: Phil Roeder from Des Moines, IA, USA, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Најголемиот американски синдикат за актери (SAG-AFTRA) денеска објави дека успеале да стигнат договор со Здружението на филмски и телевизиски продуценти (AMPTP), со што се прекинува нивниот штрајк кој започна во јули, пренесува Би-би-си.

Од синдикатот велат дека договорот е со вредност од повеќе од една милијарда долари и вклучува покачени минимални плати, повисоки пензии, поголеми придобивки од прегледите на стриминг платформите, како и поголема заштита при реплицирањето на лицата и гласовите на актерите со помош на вештачка интелигенција.

Штрајкот на актерите започна само два месеци по штрајкот на синдикатот на сценаристите (WGA), кој започна во мај.

Штрајкот на сценаристите заврши во септември, откако нивните барања беа задоволени во договорот со здружението на филмски и телевизиски продуценти. Договорот вклучувал поголеми минимални плати, подобрување во времетраењето на вработувањето, зголемување на сценаристичките тимови на серии, како и заштита од тоа да се користи материјалот на сценаристите како тренирачки податоци на алгоритми кои користат вештачка интелигенција.

Се смета дека двата штрајка заедно ја чинеле калифорниската економија повеќе 6,5 милијарди долари досега. Дополнително, предизвикало до прекини во продукцијата на многу филмови, вклучувајќи ги „Дина: втор дел“, „Фантастични четири“ и „Блејд“.