Македонија Американски бомбардери Б-52 денеска прелетаа над Скопје

Американски бомбардери Б-52 денеска прелетаа над Скопје

Фото: Мета.мк

Два воени воздухоплова од типот Б-52 на Воздухопловните сили на САД
денеска извршија низок прелет над Скопје. Како што соопштија од Министерството за одбрана, овој прелет е уште еден приказ на заедништвото и силното сојузништво во НАТО, како и посветеноста на сите земји-членки на безбедноста и стабилноста на евроатланската област.

„Денеска, граѓаните на Скопје и Северна Македонија можеа да видат прелет на два стратешки бомбардери Б52 од американското воено воздухопловство, кои што го покажуваат нашето членство во НАТО Алијансата, безбедноста и сигурноста над нашето небо и небото над сојузниците”, рече потполковникот Јован Азмановски истакнувајќи дека нашето небо е безбедно и нашето членство е повеќе од видливо.

Фото: Мета.мк

Бомбардерите Б-52 во Северна Македонија влегоа од Бугарија кај Крива Паланка, извршија низок прелет над главниот град, по што македонскиот воздушен простор го напуштија кај Дебар. Воздухопловните сили на САД во текот на денот ќе извршат прелети и над воздушниот простор на Албанија, Црна Гора и Хрватска.