Македонија Амбасадата на САД ќе донира опремa за зајакнување на граничната безбедност

Амбасадата на САД ќе донира опремa за зајакнување на граничната безбедност

САД на Министерството за внатрешни работи – Гранична полиција, на Министерството за финансии – Царинска управа и на Дирекцијaта за радијациона сигурност ќе донираат опрема во вредност од 207.000 американски долари, која вклучува опрема за попречување прекуграничен криминал, компјутери, патролно возило и теренски возила.

„Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS) и Меѓународната програма за помош и обуки при водење кривични истраги (ICITAP) при Амбасадата на САД ќе ја донираат опремата за зајакнување на капацитетите на граничните служби на Македонија за професионална гранична контрола и за оперирање на граничните премини. Донираната опрема, исто така, ќе го подобри капацитетот на овие три агенции во попречување на нелегални активности, борба против прекуграничниот криминал и тероризам, откривање радијација и идентификација на оружје за масовно уништување и поврзани материјали“, информираат од американската амбасада.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, ќе им ја предаде опремата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и на генералниот директор на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, утре на граничниот премин Блаце, каде што ќе има и показна вежба на која ќе биде изложена дел од опремата.