Македонија Амбасада на САД: Законот за „бомбите“ оди во групите, а договор мора...

Амбасада на САД: Законот за „бомбите“ оди во групите, а договор мора да има до 20 октомври

Власта и опозицијата денеска ќе ги продолжат разговорите во работните групи, откако синоќа постигнале напредок во врска со изборните реформи, како и за законот за забрана на објавување на „бомбите“, соопштија од Амбасадата на САД во Македонија.

„Работните групи за спроведување на Договорот од Пржино, синоќа постигнаа напредок за прашањата поврзани со изборите и се договори повторно да ги продолжи разговорите денеска. Партиите, исто така, се договорија прашањето за предложеното инкриминирање на објавување на нелегално стекнати информации да го покренат во работните групи, да разгледаат такво можно законско решение во пакет со законско решение за заштита на таканаречените свиркачи, и овие прашања да ги решат пред 20 октомври“, велат од Амбасадата на САД.

Според амбасадата, овие закони отвораат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење и оти затоа сите заедно треба да бидат адресирани во согласност со меѓународните обврски што Македонија ги има преземено.