Македонија Амбасада на САД: Изборите поминаа мирно, сите неправилности веднаш да се истражат

Амбасада на САД: Изборите поминаа мирно, сите неправилности веднаш да се истражат

Амбасадата на САД во Македонија во изјава за „Мета“ оцени дека првиот круг од локалните избори вчера поминал на мирен и уреден начин.

Од таму ги поттикнуваат граѓаните доколку се соочиле со неправилности и злоупотреби, да ги пријават, а службените лица веднаш да ги истражатт преку соодветен процес.

„Амбасадата на САД им честита на граѓаните на Македонија кои го остварија своето право на глас на локалните избори одржани на 15 октомври. Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес дека беа испочитувани основните слободи на изразување и на собирање. Локалните власти играат клучна улога во животот на граѓаните и влијаат врз здравјето, инфраструктурата, образованието, безбедноста и животната средина“, велат од американската амбасада за „Мета“.

Од Амбасадата ги поттикнуваат граѓаните да учествуваат целосно и слободно и во вториот круг од изборите и потсетуваат дека тие заедно со другите меѓународни и локални организации, внимателно ќе го следат гласањето и на 29 октомври.