Свет Балкан Албански воен брод ќе патролира во Средоземно Море

Албански воен брод ќе патролира во Средоземно Море

Албанскиот воен брод „Орикум“ ќе стане дел од мисијата на НАТО во Средоземно Море, насловена „Морски чувар“, која има цел да го спречи шверцот на мигранти од Турција кон Грција преку морски пат, соопшти албанската министерка за одбрана, Мими Кодели.

– Зголемената несигурност во југоисточниот дел на Средоземно Море покажа дека е неопходно сите земји од Алијансата да ги здружат своите сили. Настаните во Сирија и во Ирак се показател дека НАТО мора да биде добро подготвена за да одговори на потенцијалната криза – рече Кодели.

Како што јави дописникот на „Мета“ од Тирана, бродот, со 21 член во екипажот, денеска отплови од пристаништето Драч за да се приклучи кон флотата на НАТО.

Албанија, која е членка на НАТО од 2009 година, засега не беше дел од балканската мигрантска рута, иако мали групи мигранти се обидуваа низ неа да стигнат до Европа.

Бродот „Орикум“ е еден од петте брода на албанската поморска флота кој врши патролирање и пружање помош во случај на несреќи на море.

Еден ден претходно, според порталот „Албеу“, грчките медиуми искажале вознемиреност поради присуството на албанскиот брод на Средоземно Море, алудирајќи за некаков таен албанско-турски договор.