Македонија Албанската опозиција од денеска ќе ја бојкотира работата на Собранието

Албанската опозиција од денеска ќе ја бојкотира работата на Собранието

Тие велат дека техничката влада ќе биде бескорисна ако ДИК остане некомплетна или соодносот на нејзините членови остане 5:2 во корист на власта

Фото: Влада на РСМ

Опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“ најави дека од денеска ќе ја бојкотираат работата на Собранието на РСМ. Тие апелираат од собранискиот спикер Талат Џафери да не го узурпира правото на опозицијата да биде застапена со свој член во Државната изборна комисија (ДИК).

„Тука сме да изјавиме дека од денеска, пратеничката група на „Европскиот сојуз за промени“ нема да учествува во работата на Собранието, сѐ додека на дневен ред на пленарна седница не се стави нашиот кандидат за член на ДИК, Абдуш Демири. Ова е само првиот чекор. Очекуваме македонската опозиција да остане лојална на изјавата дека ќе ја напуштат ДИК доколку албанската опозиција не постави свој член во ДИК“, изјавија од „Европскиот сојуз за промени“.

Тие велат дека техничката влада ќе биде бескорисна ако ДИК остане некомплетна или соодносот на нејзините членови остане 5:2 во корист на власта.

„Ако и после ова, мнозинството и претседателот на Собранието продолжат да го саботираат нашето право за член во ДИК, ќе бидеме принудени да ги заостриме опозициските мерки. Дали ќе ги блокираме избирачките места во Чаир и Тетово или ќе има некоја порадикална мерка, тоа ќе го разгледаме како коалиција“, велат од албанската опозиција.

Изборот на седмиот член на ДИК заглавен во Собранието