Свет Балкан Албанија не е обврзана да увезува отпад, порача Европската комисија

Албанија не е обврзана да увезува отпад, порача Европската комисија

Европската комисија денеска соопшти дека Албанија нема обврска да дозволи увоз на отпад, без разлика што законот за увоз на отпад е во согласност со легислативата на Европската Унија.

Како што јавува дописникот на „Мета“ од Тирана, Директоратот за животна средина при Европската комисија вели дека албанскиот закон за увоз на отпад за рециклирање е во согласност со европското право, но оти официјална Тирана не е обврзана да увезува отпад сè додека не е членка на ЕУ.

Во реакцијата на директоратот, која доаѓа на барање на албанското министерство за интеграција, се наведува дека европската легислатива за управување со отпад е во согласност со принципот на слободно движење на добра и оти истата им дозволува на членките на ЕУ да забранат увоз на отпад доколку истиот не е во согласност со националниот план за управување со отпад.

Албанскиот парламент на 24 ноември повторно ќе расправа за законот за увоз на отпад, откако албанскиот претседател го врати на уште едно читање и на доработка.

Граѓанските организации кои се противат на законот, најавија протест за 24 ноември, кога албанскиот парламент ќе расправа за контроверзното законско решение.