Главна секција Академиците, како и политичарите, со дијаметрално спротивни ставови за кризата

Академиците, како и политичарите, со дијаметрално спротивни ставови за кризата

Членовите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) немаат единствен став за политичката криза во земјава и за актуелните случувања и тензиите што ги подгреа платформата на албанските партии.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во своето воведно обраќање на денешното јубилејно 50. Годишно собрание на Академијата, рече дека состојбата е многу сериозна и тензична и дека отсуството на транспарентност ѝ ја ускратува можноста на експертската јавност да се изјасни за уставната заснованост и за квалитетот на понудените решенија, пренесува „Плусинфо“.

– Неопходно е сите политички субјекти во Македонија да разберат дека е потребна мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири. Отсуството на транспарентност ѝ ја скратува можноста и на експертската јавност да се изјасни за уставната заснованост и за квалитетот на понудените решенија. МАНУ, како врвна научна институција, во согласност со своите законски определени права и должности е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста за надминување на кризата – истакнал Фити.

Според академик Митко Маџунков, МАНУ по објавувањето на платформата потребно е „да застане во одбрана на државата“.

– МАНУ се изјаснила веќе еднаш за непроменливоста на името, единственоста и за неделивоста на Македонија и доколку има таков документ, треба да се покаже, а ако не, да се состави. МАНУ своевремено застана против територијалната поделба на Македонија, нешто што сега повторно се заканува преку албанската платформа, за што потребно е МАНУ уште еднаш да застане на патот на тоа. Двојазичноста води кон уништување, албанизација и муслиманизација на нашата држава, народ и институции, меѓу кои е и МАНУ. Во подолг период македонскиот народ отстапува пред меѓународната заедница, соседите и пред сограѓаните Албанци од принципите кои се суштински за нашето постоење – рекол Маџунков.

Професорката и писателка, академик Катица Ќулавкова, пак, смета дека „барањата за платформи се обид се манипулација и алатка за дестабилизација на државата во полза на досегашната власт, а не за заштита на правата на Албанците“.

– Сметам дека станува збор за манипулација и се сомневам дека самите ја создале платформата за да ја задржат власта и да се амнестираат за направените злосторства, кои не се само финансиски, туку и институционални и кои се однесуваат и на слободата на говор и движење во државава. Така што, целиот хистерично националистички дискурс содржи тактика за дефокусирање од главниот проблем: криминалот, слободата на говор и мирниот трансфер на власта. Барањата на платформи се нереални без да бидат прифатени од двотретинско мнозинство. Затоа и не сметам дека се закана за Уставот. Сметам дека, првенствено, тоа е алатка за дестабилизација на државата што оди во полза на заштита на досегашната власт, а не на заштита на правата на Албанците. Не ни доликува ни артикулацијата на напади кон меѓународниот фактор. Имаме ние стручни инстанци преку кои може соодветно да реагираме, затоа што сега не е време за мултиетнички конфликти. Јас го поддржувам предлогот да се повлечат секакви платформи и од албанскиот блок и од власта која одумира, а не сака да го признае тоа – нагласила Ќулавкова.

Историчарот, академик Иван Катарџиев истакнал дека денешното собрание на МАНУ не треба да се претвора во политичко собрание за проблем за кој оваа институција не е подготвена.

– Мислам дека секоја импровизација не е во интерес на авторитетот на Академијата. Јас предлагам предлогот за попис да биде земен за програмска определба на МАНУ, затоа што 20 години немаме направено попис на населението и на материјалните добра – рекол Катарџиев.